Струга победи во Ѓорче и го скокна Вардар, Тиквеш ја продолжи кризата на Работнички

Во денешните натпревари од 12. коло во ПМФЛ победи славеа екипите на Струга и Тиквеш кои како гости освоија три бода против Македонија Ѓорче Петров и Работнички.

Македонија Ѓорче Петров со проблеми го дочека натпреварот со стружани, фудбалерите вчера не тренираа и во прашање беше самото одигрување на дуелот, сепак на крајот истрчаа на теренот каде што гостите славеа победа од 2-0.

Резултатот беше отворен по половина час игра кога Рочи стрелаше за водство. Тоа беше и единствениот гол во првото полувреме. Конечниот резултат беше поставен кога по еден час игра Струга доби пенал, а сигурен реализатор беше најдобриот стрелец во првенството, Компаоре кој го постигна својот 12. гол во првенството.

Струга со овие три бода дојде до 29 бода, два повеќе од Вардар на врвот, но „црвено-црните“ утре го играт својот натпревар од ова коло против Пелистер.

Со истиот резултат заврши и средбата помеѓу Работнички и Тиквеш. Гостите од Кавадарци со два гола во втоото полувреме преку Миловановиќ и Стојкоски дојдоа до трите бода. Работнички имаше прилика во завршнцата од натпреварот да се врати во игра, но Асани не реализираше најстрога казна и шутираше над голот.