Скопска лига: Суперлигашите сите мечеви од петтото коло ќе ги одиграат во - главниот град!
Дербито се игра во вечерва „Јане Сандански“ помеѓу екипите на МЗТ Скопје и Куманово (18 часот). Кумановчани доаѓаат со максимален скор од четири победи и како еден од најпријатните изненадувања на сезоната, под водство на искусниот Марин Докузовски. Од друга страна, актуелниот шампион има императив да мора да победи, откако административниот пораз од Ангели не му дава простор за нови киксови.
Работнички, пак, кој се разигра по комплетирањето на ростерот, вечерва од 18 часот ќе ја пречека екипата на Гостивар, во потрага по трет последователен триумф. Еден час подоцна ќе почне дуелот на Чаир 2030 и Кожув, закажан за салата „Шабан Трстена“ во истоимената скопска населба. Во неделната програма, Пелистер, исто така со совршен биланс, ќе гостува кај Ангели во салата „Независна Македонија“ (14.30). Кошаркарите на ТФТ ќе ѝ гостуваат на младата екипа на Феникс 2010 во „Јане Сандански“ (20 часот), во обид да го продолжи перфектниот низ. Дебитантот Маџари, кој прикажа квалитетни партии, кои не беа наградени со триумф ќе ја бара првата суперлигашка радост против Тиквеш (19 часот).