Слот разочарано: Не може да мислиш на победа кога примаш дури три гола!

Актуелниот англиски првак, екипата на Ливерпул, влезе во сериозна резултатска криза, откако претрпе и четврти последователен пораз во Премиер лигата.

Тимот на Арне Слот синоќа загуби на „Енфилд“ од Брентфорд (2-3), по што менаџерот призна дека неговиот состав мора итно да ја подобри дефанзивата.

„И резултатот и настапот се разочарувачки. Не можеш да очекуваш победа кога примаш три гола. Првиот дојде по прекин, вториот по контранапад — токму во ситуациите во кои Брентфорд е најопасен. Ќе анализираме што не функционираше и ќе се обидеме тоа да го поправиме. Секој пораз има различни причини, но фактот дека губиме четврти пат по ред е загрижувачки“, изјави Слот по натпреварот.

Работите да бидат уште полоши, пред „црвените“ следи исклучително тежок распоред — во наредните кола ги очекуваат дуели со Кристал Палас и Астон Вила во домашното првенство, како и мегданите со европските гиганти Реал Мадрид и Манчестер Сити во ЛШ.

ФОТО: X / @LFC