Меси со два гола го прослави новиот договор со Мајами: Не мислам да се пензионирам (ВИДЕО)

Фудбалерите на Интер Мајами со убедлива победа над Нешвил (3-1) го отворија плејофот во МЛС плејофот, во која, како и многупати досега, ѕвезда на вечерта беше Лионел Меси, кој пред почетокот ја доби наградата „Златна копачка“ за најдобар стрелец во регуларниот дел од сезоната.

Аргентинскиот ас тоа го прослави со два гола, а еднаш погоди и Тадео Аљенде, со што Интер поведе со 1-0 во серијата, пред реваншот што ќе се одигра на 1 ноември. Меси го отвори резултатот во 19. минута со удар со глава во пад, по асистенција на Луис Суарез — потсетувајќи на легендарниот гол против Манчестер јунајтед во финалето на Лигата на шампионите во 2009 година. Победата ја запечати токму осумкратниот освојувач на „Златната топка“ во судиското продолжение, откако голманот на Нешвил, Џо Вилис, несмасно реагираше при центаршут на Жорди Алба, па Меси лесно ја затресе мрежата.

Триумфот дојде само еден ден по официјализацијата на новиот тригодишен договор на Меси со клубот од Флорида, кој ќе го задржи во тимот до крајот на 2028 година. Со тоа, 38-годишниот Аргентинец најави дека планира да игра професионален фудбал и во петтата деценија од својот живот.

„Среќен сум што останувам овде и што го продолжувам овој проект кој, од сон, прерасна во прекрасна реалност – играњето на новиот стадион. Откако пристигнав, се чувствувам одлично и немам намера да се пензионирам“, изјави Меси за клупскиот сајт.

ФОТО: X / @InterMiamiCF