Бањаја се „реваншира“ за ланското скапо паѓање и победи на спринтот во Малезија!

Италијанскиот мотоциклист, Франческо Бањаја, успеа да ја „затвори сметката“ со патеката во Сепанг, откако точно една година по падот што го чинеше светска титула, триумфираше убедливо во спринт-трката од Големата награда на Малезија.

Возачот на „Дукати“ стартуваше од пол-позицијата и не ја испушти водечката позиција во текот на сите 10 кругови. Двократниот светски шампион победи со предност од 2,2 секунди пред Алекс Маркес, кој со ова второ место го осигура и вкупното второ место во генералниот пласман. Членот на „Грезини Дукати“, поголемиот дел од трката ја помина зад Бањаја, а единствен момент на неизвесност имаше во првиот круг кога беше накратко претекнат од Педро Акоста, но веднаш ја врати позицијата и ја задржа до крај.

Третото место му припадна на неговиот тимски колега, Фермин Алдегер, кој со силно темпо во втората половина од трката го претекна Акоста. Сепак, веднаш по финишот беше објавено дека е под истрага поради нерегуларен притисок во гумите, што би можело да резултира со казна од осум секунди.

Бањаја со денешниот триумф повторно се искачи на третата позиција во генералниот пласман, зад браќата Марк и Алекс Маркес, имајќи само еден бод повеќе од сонародникот Бецеки. Главната трка за Големата награда на Малезија, која е 20. рунда од сезоната 2025 во Мото ГП, е закажана за утре во 8:00 часот по македонско време.