Кејн собори несекојдневен рекорд кој 36 години беше сопственост на Линекер

Напаѓачот на Баерн Минхен, Хари Кејн одамна е најдобар стрелец во историјата на англиската репрезентација, но речиси на секој натпревар соборува по некој рекорд на националниот тим.

Така беше и синоќа против Летонија во мечот кој Англија го доби со 5-0 и официјално обезбеди пласман на Светското првенство, како прва европска репрезентација. Кејн партиципираше со два гола, а со вториот од нив го постави најновиот рекорд.

Тој стана англиски репрезентативец со најмногу постигнати голови за националниот тим како член на неанглиска екипа. Со двата против Летонија, тој стигна до бројката од 18 гола, еден повеќе од Гери Линекер кој досега го држеше рекордот со 17, реализирани во периодот од 1986 до 1989 година додека беше член на Барселона.