
Ракометна еуфорија во Битола - првпат гостува Барселона!
Пелистер победнички тргна во Лигата на шампионите откако на домашен терен го совлада Загреб, но потоа нареди три порази. Битолчани денеска ќе имаат тешка задача против најтрофејниот клуб.
Барселона првпат доаѓа во Битола, ова ќе биде прв меч на каталонскиот гигант пред битолската публика која ги разграба картите за рекордни осум минути откако беа пуштени во продажба.
За разлика од Пелистер, Барса е во добра форма, тие имаат три победи и еден пораз, а во Битола доаѓаат по триумфот над ПИК Сегед.
Квалитетот несомнено е на страната на Барселона, а атмосферата ќе биде таа што ќе ги носи битолските ракометари кои ќе се обидат да се надминат себеси и да го изненадат големиот противник.
Тренерот Рубен Гарабаја за овој меч не може да смета на сите ракометари. Поради повреди надвор од стројот се голманите Брестовац и Хеидарирад. Во составот на Пелистер за овој натпревар е и летното засилување од Полска, Анџер Видомски кој полека влегува во натпреварувачки ритам.
Едно е сигурно, во Битола вечерва ќе се случува ракометен спектакл, салата „Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета до последното место, македонскиот шампион ќе даде се од себе, а дали тоа ќе биде доволно за изненадување, останува да се види.