Охрид се засили со српски бек кој минатата сезона играше за Вардар!

Ракометниот клуб Охрид го официјализираше ангажманот на српскиот среден бек Александар Крсманчиќ, кој ќе биде дел од „гладијаторите“ најмалку во следните осум месеци.

Тој има 33 години и е висок 184 сантиметри и зад себе има богато интернационално искуство. Минатата сезона настапуваше за Вардар, каде што прикажа одлични партии, а претходно играше за унгарскиот Чургу, шпанската Анаитасуна, како и за српските клубови Југовиќ, Слога и Железничар.

Искусниот среден бек зад себе има настапи за сите младински селекции на Србија, како и за сениорскиот национален тим.

„Драго ми е што станав дел од Охрид во моментот кога амбициите на клубот растат. Многу ми се допаѓа визијата на клубот и ќе дадам сè од себе да ја оправдам довербата која ми е укажана. Се надевам дека во наредниот период Охрид ќе испише историски успеси и во домашното првенство и на европската сцена за радост на нашите навивачи,“ изјави Крсманчиќ по потпишувањето на договорот.

Со овој трансфер, охриѓани дополнително го зајакнуваат ростерот во пресрет на предизвиците во домашното првенство и настапите во Европа, каде што на стартот од Европскиот куп преубедливо го елиминираа азербејџанскиот тим Баки со 44-11 и со 38-21.