И второто место е „злато вредно“ за Македонија - за полесен ривал во баражот!

Без разлика што примарна цел на македонската фудбалска репрезентација останува освојувањето на првото место во групата, кое носи директен пласман на СП 2026, не смее да се потцени ниту борбата за втората позиција, која обезбедува учество во баражот со потенцијално поповолен противник во првата елиминациска рунда.

Доколку жолто-црвените квалификацискиот циклус го завршат на второто место, најверојатно би биле сместени во вториот барабан при извлекување на полуфиналните двојки за баражот. Според актуелната ситуација на табелите во сите групи, составот на барабаните во моментов изгледа вака:

Барабан 1: Италија, Турција, Украина, Полска

Барабан 2: Чешка, Унгарија, Шкотска, Македонија

Барабан 3: Албанија, Северна Ирска, Босна и Херцеговина, Косово

Барабан 4 (од Лигата на нации): Велс, Романија, Шведска, Молдавија

При една ваква ситуација, Македонија би играла на домашен терен во полуфиналниот бараж-натпревар, а можни противници се Албанија, Северна Ирска, БиХ или Косово, селекции од третиот барабан.

Доколку, пак, завршиме како трети во групата, тогаш во баражот ќе влеземе преку Лигата на нации, со што би го презеле местото на Велс во четвртиот барабан. Во тој случај, можни ривали би биле Италија, Турција, Украина или Полска, а мечот би се играл на гостински терен — сценарио кое носи далеку потежок предизвик.

Македонските фудбалери вечерва играат на домашен терен против Казахстан, а исто така многу важен меч за нас ќе биде и пресметката помеѓу Велс и Белгија.