
Чупиќ: Цел ни е да стигнеме далеку во Европската лига – чекор по чекор!
На денешната прес-конференција, тренерот Иван Чупиќ порача дека Вардар влегува во натпреварувањето со победнички амбиции.
„Вардар секогаш има цел да победува, без разлика каде игра. Ова е клуб со историја и знаеме дека мора да испорачаме резултат. Цел ни е да стигнеме далеку во Европската лига, но знаеме дека имаме тешка група, иако можеби не така атрактивна според имиња. Ќе одиме чекор по чекор, бидејќи групата е тешка, а секој бод има тежина“, изјави Чупиќ.
Хрватскиот стратег потенцираше дека ривалот Сесвете има млад и борбен состав кој заедно со Загреб и Нексе ја предводи елитата на хрватскиот ракомет, но додаде дека македонската Суперлига во моментов нуди поголем квалитет и изедначеност.
„Македонската лига е посилна и поквалитетна. Таму во Хрватска има две доминантни екипи – Загреб и Нексе – а Сесвете финансиски не може да се мери со нив. Кај нас, речиси секој натпревар е дерби“, истакна тренерот.
Чупиќ додаде дека Вардар полека го гради својот идентитет и дека формата расте од меч во меч.
„Досега во првенството имаме само победи и екипата веќе добива облик. Новите играчи почнуваат да чувствуваат што значи да се носи дресот на Вардар. Сметам дека во втората половина од сезоната ќе го играме најдобриот ракомет, но важно е до тогаш да собираме бодови“, рече тој.
Тренерот очекува поддршка од навивачите и верува дека тимот може да се наметне како сериозен конкурент во групата Ф, каде покрај Вардар и Сесвете настапуваат и Тулуз и Кристианштад.