
Македонија ја освои престижната награда за “Развивање на Темата” на ЕКСПО 2025 во Осака
Наградата беше објавена и доделена на свечената церемонија по повод BIE Day – 12 октомври 2025, со што македонскиот павилјон се вброи меѓу најуспешните учесници на ова глобално настанување.
Ова признание претставува голем успех за Македонија, бидејќи ја вреднува креативноста, концептуалната јасност и автентичниот начин на кој националниот павилјон ја оживува централната тема на ЕКСПО 2025 – „Дизајнирање на иднината за нашите животи“. Македонскиот павилјон преку иновативен пристап, културно наративно ткаење и современа визуелна презентација успеа да ја раскаже приказната за земјата како мост меѓу традицијата и иднината, со фокус на поврзување на луѓето, архитектурата и хуманоста.
Успехот е резултат на координирани напори на Генералниот секретаријат на Владата, предводени од Кристина Ризовска Кутретински - Генерален комесар за РС Македонија за Експо Осака 2025, во соработка со стручен и посветен тим од претставници, дизајнери и институции.
Клучна улога во развивањето на концептот и визуелниот идентитет на павилјонот имаше маркетинг агенцијата „Бокс Дигитал“, која го осмисли и реализира креативниот концепт и комуникациската стратегија што ја поставија Македонија како современ, поврзувачки и визионерски учесник на ЕКСПО 2025.
„Оваа награда е признание за визијата и тимската работа со која ја презентиравме Македонија на глобалната сцена. Успеавме да ја раскажеме нашата приказна на начин кој е препознатлив, модерен и длабоко поврзан со темите на ЕКСПО 2025“, изјави Кристина Ризовска.
ЕКСПО 2025 во Осака се одржува под покровителство на Меѓународното биро за изложби, со учество на над 160 земји и организации. Наградите за учесници се доделуваат од меѓународно жири, кое ги оценува павилјоните според четири категории: архитектура, дизајн на изложба, одржливост и развивање на темата – најпрестижната категорија која ја нагласува способноста на павилјоните да ја претстават централната тема на Експото на инспиративен и иновативен начин.