Македонија во една од клучните битки за СП - само победа е опција против Казахстан!

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва со почеток од 20:45 часот на Националната арена „Тордор Проески“ во Скопје ја пречекува селекцијата на Казахстан во многу важен натпревар за пласман на Светското првенство.

Македонските фудбалери играат одлични квалификации, не само што се бориме за бараж, туку овојпат сме конкурентни и за првата позиција која директно води на Светското првенство.

По одличното реми во Гент против Белгија, вечерва во Скопје го пречекуваме Казахстан, меч кој мора да го добиеме.

Казахстан е противник со кој немаме богата историја, сме одиграле само два меча, имаме исто толку победи и немаме примено гол. Но, дуелот кој го добивме во јуни на гостински терен треба да биде предупредување дека не се работи за наивен противник.

На тој меч Казахстанците дури трипати ја погодуваа конструкцијата од голот на Димитриевски, а и тој имаше неколку добри интервенции. 

Сепак во Скопје се очекува приказната да биде поинаква кога играта е во прашање, на крилјата на публиката се очекува момците на Милевски да доминираат на теренот, да ја имаат контролата на играта и на крајот да се радуваме на уште една победа. Друго сценарио би било изненадување.

Милевски нема проблеми со повредени фудбалери, сите повикани се подготвени да настапат, во комбинација ќе биде и Муслиу кој поради ситна повреда порано го напушти натпреварот со Белгија.

Покрај нашиот натпревар, вечерва важен ќе ни биде и резултатот од мечот меѓу Велс и Белгија. Во прилог ни оди само победа на Велшаните, за потоа во директен дуел со нив да одлучуваме за првото место во групата. Поинаков исход на денешниот меч во Кардиф ќе ја промовира Белгија во речиси сигурен патник на Мундијалот.

Сепак нашиот главен фокус е мечот со Казахстан, Македонија треба да си ја заврши својата задача, па потоа ќе ги правиме калкулациите што ни е потребно за понатаму.

Еуфоријата во нашата држава расте се повеќе со секој позитивен резултат на фудбалерите, денеска се очекува голем број на навивачи да бидат присутни на Арената и да им дадат поддршка на фудбалерите во новата битка.