
Светското првенство им (из)бега на Србите: Албанија ги однесе бодовите од Лесковац (ВИДЕО)
Албанија славеше со 1-0 на дуелот кој се играше во Лесковац и директно одлучуваше за распоредот во групата К од европските квалификации. Иако не беа подобри, гостите го издржаа притисокот, постигнаа еден гол и тој може да биде клучен за натамошниот тек на циклусот.
Иако ѝ беше неопходна победа, Србија не одигра речиси ништо на овој натпревар, а ја немаше ни потребната поддршка од трибините затоа што државниот врв одлучи да игра во Лесковац пред околу 5.000 гледачи, место во Белград пред 40 илјади. Моментот на одлука се случи во судиското продолжение од првото полувреме кога Манај ја затресе противничката мрежа и тој момент се покажа клучен за победникот. Во финишот Албанија имаше зицер за 2-0, но Бајрами кој излезе сам пред противничкиот голман, не успеа да го совлада.
По оваа победа Албанија има четири бода предност во однос на Србија (11-7), а распоредот не му оди во прилог на нашиот северен сосед. До крајот, двете репрезентации играат против Англија, со тоа што Србија гостува, а Албанија го пречекува фаворитот во последното коло. Исто така, двете репрезентации играат против Андора и под претпоставка дека ќе го победат аутсајдерот, Албанија ќе биде речиси сигурно пласирана во баражот.
Од останатите натпревари вечерва, за одбележување е убедливиот триумф на Турција на гостувањето кај Бугарија со 6-1 во мечот во кој блескаше Арда Ѓулер, со еден гол и две асистенции.
фото. EPA photo