Србија остана без селектор, Пикси нема да патува во Андора!

Селекторот на Србија, Драгaн Стојковиќ на прес-конференцијата по денешниот пораз од Албанија соопштил дека поднел оставка од позицијата селектор.

Веднаш по натпреварот Стојковиќ потврди дека ја поднел својата оставка во раководството на сојузот.

„Имав разговор со претседателот и генералниот секретар. Понудив оставка. Овој пораз не го очекував, и тоа од тим кој ни е главен ривал за второто место. Ја преземам одговорноста и јас сум единствениот виновник. Жал ми е што загубивме. Така е во спортот, во животот. Ќе има време за разговор. Како одговорно лице, понудив оставка на двајцата челници во Сојузот“ изјави Стојквиќ.

Потенцираше и дека нема да патува за Андора..

„Што се однесува до времето, специфично е. Нерационално е да патувам со тимот. Тоа им го кажав. Ме сослушаа и им реков дека нема да одам во Андора. Натпреварот ќе го води Горан Ѓоровиќ“,  истакна Пикси.

Србија во квалификациите за Светското првенство има седум бодови, Албанија е втора со 11 и со натпревар повеќе, додека Англија е далеку на врвот со 15.