Пелистер ѝ откина два бода на Шкендија и го – смени тренерот!

Фудбалскиот клуб Пелистер од Битола утринава неочекувано соопшти дека ја прекинува соработката со шефот на стручниот штаб Димитар Капинковски.

Прекинот на соработката доаѓа по изненадувачкото реми на битолчани со фаворизираната Шкендија (0-0) во последното коло од Првата лига. Од клубот му се заблагодарија на Капинковски за ангажманот и професионалноста, како и за придонесот во тимот, посакувајќи му успех во понатамошниот тек на кариерата.

Пелистер во првите девет кола од сезоната забележа две победи, еден нерешен резултат и шест порази. Од клубот најавија дека во наредните денови ќе го промовираат новиот шеф на стручниот штаб.