
Битолчани пред гостувањето во Полска: Со совршена игра до изненадување против Висла!
„Висла постојано расте и станува многу посилен. Имаат одлична атмосфера во салата и претставуваат сериозна закана за сите ривали. Играат со висок притисок и цврста, добро синхронизирана одбрана. Мораме да бидеме фокусирани и да не правиме грешки, бидејќи тие веднаш знаат да ги казнат. Ова е Лига на шампиони — тука нема простор за импровизации“, изјави тренерот Рубен Гарабаја.
Тој истакна дека екипата мора да избегне падови во играта какви што имаше на натпреварот со ГОГ Гудме.
„Се надевам дека нема да имаме кризен период како тогаш, кога цели 15–20 минути не наоѓавме решенија. Само со перфектна игра во текот на сите 60 минути можеме да очекуваме позитивен епилог“, дополни стратегот.
И ракометарите ја делат истата оптимистичка перспектива. Павле Атанасијевиќ вели дека тимот влегува мотивирано во серијата тешки натпревари.
„Се подготвуваме колку што можеме, имаме напорен распоред со три натпревари во седум дена. Висла е силен противник кој летово се засили со уште подобри играчи. Мораме добро да ги анализираме и да се подготвиме тактички,“ рече Атанасијевиќ.
Пелистер по победата над Охрид ја врати самодовербата, а фокусот е целосно насочен кон европските предизвици.
„Мечот со Вардар е веќе во минатото. Таму направивме грешки, но против Охрид го прикажавме нашето вистинско лице. Сега гледаме напред“, додаде бекот на битолскиот тим.
Пелистер во претходните три кола има една победа и тоа на стартот против Загреб, како и два порази – од ГОГ дома и од ПСЖ на гости.