Тешко обвинување од Зверев: Подлогите ги прават за да им одговараат на Синер и Алкараз

Германскиот тенисер Александер Зверев ги обвини организаторите на АТП турнирите дека им прават мерак на двајцата најдобри во светот Карлос Алкараз и Јаник Синер и подлогите на кои се играат натпреварите се доволно бавни за тие да немаат никакви проблеми.

Тој обезбеди пласман во третото коло од Мастерсот во Шангај, но го изрази својот револт по ова прашање, сметајќи дека останатите тенисери се во втор план.

„Мразам кога подлогите се исти. Знам дека директорите на турнирите одат во таа насока што сакаат Јаник и Карлос да бидат успешни на секој настап“, рече Зверев.

Јаник Синер беше изненаден од ваквиот напад и логично се одбрани со констатација дека тој и Алкараз не ги прават подлогите, но неодамна и Роџер Федерер имаше слична изјава.

„Ако подлогите се побавни, на послабите тенисери им е многу потешко да ги изненадат фаворитите. На пример, за некој да ги победи Синер или Алкарас денес, мора да игра фантастично, а тоа е многу потешко на бавни терени. Ако подлогата е брза, нема паузи, доволни се неколку феноменални потези и сè е можно. На побавни терени, потребно е многу повеќе. И секој турнир денес сака Карлос и Јаник да бидат во финалето. Директорите на турнирот не сакаат да преземаат ризици и да поставуваат побрзи подлоги“, рече Федерер.

Алкараз не настапува на Мастерсот во Шангај, додека Синер засега сигурно чекори и во третото коло, денеска од 14 часот, ќе се сретне со Грикспор од Холандија.