Срам за сите во кошарката: „Талент“ на Љуботен намерно удри противник - со нога помеѓу нозе (ВИДЕО)

Македонската младинска кошарка одамна е циркус каков што дефинитивно нема никаде, пред се поради нестручните тренерски кадри, ужасните услови за работа и желбата да се исцедат родителите за членарина наместо да се извадат квалитетни играчи, но тоа што се случи вчера во Тетово ги надминува сите мерки.

На мечот од лигата за кошаркари до 14 години, „талент“ на Љуботен намерно удри со нога противнички играч од тимот на Тетекс и тоа на најболното место – меѓу нозете. Срамот да биде поголем, жртвата во тој момент беше легнат на паркетот во борба за топката, без воопшто да сонува дека најдоминантниот во противничкиот тим ќе се дрзне да го удри на таков низок начин. Уште посрамно е што никој од домашниот тим не изреагира со опомена за удирачот и што немаше реакција од судиите, кои само побараа измена за повреденото дете кои подолго време лежеше доле. Казна за напаѓачот немаше.

 

 

На потег сега е КФМ, која треба да изрече најжестока казна, не толку за кошаркарчето кое удира, кое секако треба да биде казнето, но и за тие што го формираат како спортист – тренерот и останатите од клубот. Казна мора да има и за судиите и делегатот, кои не забележаа еден ваков ужасен потег.

Имињата на актерите се познати, но намерно не се споменати поради желбата за заштита на приватноста поради нивната возраст. Ни, тие лесно може да се одредат преку приложеното видео.