Ивановски: Ова беше за сите Македонци – сега одам на добар бургер и многу слатки (ФОТО)

Најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, долго ќе го памети денешниот ден и тоа не само по триумфот на Скопскиот маратон, втор во неговата кариера по 2021 година, туку и по начинот на кој ја истрча најтешката трка.

Тој постојано беше во водечката група, а не падна ниту кога неговиот најголем ривал, Џулијан Кипкоеч, му побегна на врвот со дури 20-тина секунди предност. Нашиот херој на крајот уфрли во „шеста брзина“ и со пеколен финиш не само што го престигна Кениецот, туку и го остави далеку зад себе на целта.

„Ова е триумф за цела Македонија, за сите Македонци. Поздрав за сите што ме бодреа, но и за останатите што ме критикуваа. Покажав дека можам. Сега одам на добар бургер и на многу слатки. Уживајте сите“, изјави Ивановски по трката.

Кениецот заврши втор, заостанувајќи околу половина минута зад македонскиот шампион, додека третото место му припадна на грузискиот атлетичар Давити Каразишвили. Втор најдобар, пак, Македонец беше Жан Тошев со 16 минути полошо време од победникот. Кај дамите победи Ирене Џеруто (Кенија) со време од 2:38:21 часа.

Оваа година, Скопскиот маратон го прослави своето 21-во издание со рекорден број учесници – повеќе од 14.000 тркачи од 58 земји ја исполнија трасата низ главниот град. Во полумаратонската трка најбрз беше Албион Имери од Албанија, пред Македонците Иван Пешовски и Александар Арсов. Кај дамите, победничка е Греша Бакрачи од Косово, а пиедесталот го комплетираа Теа Божиновска и Милјана Ристиќ Стојчевска.