
Крај на фудбалот каков што го знаеме: Договорен нов формат за ЛШ по мерка на – богатите (ФОТО)
Во изминатите осум месеци се одржале седум затворени состаноци меѓу двете страни, а на маса е предлог кој, според шпанскиот медиум, би можел да ги приближи различните интереси и да донесе подинамично и покомерцијално натпреварување. Целта е да се задржи спортскиот интегритет, а истовремено да се зголеми конкурентноста и неизвесноста во натпреварите.
Според предложениот план, во новата Лига на шампионите би учествувале 36 клубови поделени во две групи според квалитетот. Во првата група би се нашле 18 најдобро рангирани тимови според листата на УЕФА, а останатите 18 би ја сочинувале втората група. Секој клуб би играл по осум натпревари против ривали од слично ниво, со што би се избегнале премногу еднострани дуели без резултатска неизвесност.
По завршувањето на групната фаза, осумте најдобропласирани тимови од елитната група директно би се пласирале во осминафиналето. Останатите места би се пополнувале преку дополнителни баражи - клубовите од 9. до 16. место од првата група би играле против најдобрите осум од втората група. Притоа, двојките би се формирале според пласманот — на пример, деветтопласираниот од првата против осмопласираниот од втората група.
Очекувањата се дека ваквиот систем ќе ја зголеми гледаноста и интересот на навивачите и телевизиските компании, бидејќи носи повеќе изедначени натпревари и поинтересни завршници. Ако договорот навистина биде постигнат, европскиот фудбал ќе добие една од најголемите реформи во историјата на елитните натпреварувања.