МЗТ се намачи со дебитантот, ама победнички ја почна новата сезона!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со победа ја отворија новата сезона во Супер лигата, откако вечерва, на домашен терен, го совладаа тимот на Маџари (77-70), кој е дебитант во елитата.

Очекувањата можеби беа дека ќе има игра на „мачка и глушец“, но реалноста беше дека првакот сериозно се испоти да дојде до однапред планираните бодови. Аеродромци речиси целиот меч беа во водство, но само во неколку наврати тоа беше изразено со двоцифрена разлика и тоа во кус период. Гостите беа „здодевни како мува“, не се предаваа, се бореа максимално и на крајот може да бидат задоволни и покрај поразот. За утеха ќе им биде фактот што имаа повеќе скокови (37-33) од пореномираниот ривал со далеку подолга клупа.

Чарлс Гил со 22 поени и шест скока, Андреј Андоноски со 12 и Мек Смит со 11 поени беа двоцифрени во победничкиот тим, додека Артис Стејплтон со 21 и Џавон грин со 20 поени беа најефикасни кај Маџари.

Првата рунда продолжува утре со мечот помеѓу Гостивар и Тиквеш (18 часот), додека в недела ќе играат Работнички против Пелистер (15 часот), Кожув против ТФТ (18 часот), Чаир 2030 против Куманово (19 часот) и Феникс против Ангели (20.30 часот).