Голем удар за центарци: Работнички без странците на мегдан против Пелистер!

Екипата на Работнички ќе биде сериозно ослабена на стартот на новата сезона во Суперлигата, бидејќи во првото коло против Пелистер ќе настапи без четворицата странски играчи ангажирани во летниот преоден рок.

Причина за тоа е суспензијата на ФИБА за регистрација на странци, изречена поради шест пријави од поранешни кошаркари и функционери за неисплатени обврски. Со тоа, најтрофејниот македонски клуб е принуден да настапи исклучиво со домашни сили во воведното дерби. Проблемите влијаеја и врз терминот на натпреварот. Наместо во понеделник навечер со директен пренос на МТВ, „центарци“ се решија да играат в недела од 15 часот во салата „Кале“. Првичната намера на клубот беше да закаже подоцнежен термин и да добие дополнително време за регистрација, но тоа не вроди со плод.

Челниците на Работнички се надеваат дека до второто коло и дуелот со градскиот ривал ТФТ ќе биде надмината административната пречка и странците ќе можат да се појават на терен.