
„Ливерпул игра кошарка, а не фудбал – затоа губи од кого ќе стигне!“
„Црвените“ паднаа во Истанбул со гол од пенал на Виктор Осимен, што беше нивни втор пораз за само неколку дена, по неуспехот против Кристал Палас (1-2) во Премиер лигата. Карагер остро го нападна тимот на Арне Слот, дека не наликува на оној кој минатата сезона ја освои титулата.
„Ливерпул во моментов не игра фудбал. Тие играат кошарка – постојано трчаат од еден до друг крај на теренот, без организација и без рамнотежа. Врвните екипи не се однесуваат така,“ рече поранешниот капитен за „Си-би-ес“.
Иако клубот инвестираше речиси половина милијарда евра во засилувања, ефектот на новите фудбалери засега е незабележлив. Карагер предупреди дека шампионот дозволува премногу шанси.
„Против Кристал Палас им дозволија седум големи прилики – нешто што никој друг тим во Премиер лигата не го направил оваа сезона. Против Њукасл, со играч повеќе, беа надиграни во второто полувреме. Тоа е недозволиво“, дополни аналитичарот.
Тој смета дека тренерот Слот мора итно да реагира и да ја смени почетната постава, со јасна порака дека младата ѕвезда Флоријан Вирц не треба да биде стартер во овој момент.
„Нема рамнотежа, а Вирц е оној што најмногу отскокнува. Тој има иднина во клубот, но засега мора да излезе од првата постава“, додаде Карагер.
Навивачите бараат нов стопер, но Карагер гледа подлабок проблем.
„Не е решение да купиш уште еден дефанзивец. Потребно е да се изгради тим кој ќе знае да ја контролира играта. Минатата сезона Собослај знаеше кога да ја смири топката, сега тоа недостига. Ако ова продолжи, Ливерпул нема шанси да ја одбрани титулата“, заврши поранешната легенда на клубот.
ФОТО: EPA PHOTO