
Ден за спектакл во „Јане“: Чкембари најавија „екскурзија“, Вардар сака прекин на црната серија!
Вардар во дербито влегува како лидер на табелата и единствена екипа со максимален број на бодови по четири средби, Пелистер е веднаш зад нив со бод помалку и едно реми против Алкалоид.
Посебен мотив на Вардар во дербито ќе биде да ја прекинат негативната серија од четири порази против битолскиот состав. Најболен од тие четири беше првиот кој дојде во последното коло од минатата сезона, Пелистер со таа победа си ја обезбеди титулата и тоа во Скопје. Во текот на летниот период Пелистер славеше и на турнирите во Охрид и Скопје, како и во Суперкупот во Кавадарци пред еден месец.
Токму затоа навивачите на Пелистер, популарните Чкембари пред дуелот испратија провокација најавувајќи го како уште една „екскурзија“ во Скопје.
Тренерот Иван Чупиќ се соочува и со проблеми со повреди биејќи не може да смета на Лазаревски, Кеита и Еспиња, меѓутоа и Гарабаја има проблеми во спротивниот табор. Пелистер сигурно ќе биде без Саид Хеидаарирад, а исто така неизвесен е и настапот на поранешниот вардарец, Илија Абутовиќ.
Ова дерби е прв поголем предизвик за Вардар сезонава, додека Пелистер веќе одигра едно дерби, споменатото реми со Алкалоид до кое дојде со гол во последните секунди.
Натпреварот се игра во терминот од 19:00 часот и се очекува трибините да бидат исполнети бидејќи ќе бидат присутни и двете навивачки групи.