Хет-трик на Мбапе во „петардата“ на Реал, Аталанта со пресврт го реши Клуб Бриж (ВИДЕО)

Шпанскиот гигант Реал Мадрид го надигра Каират Алмати со убедливи 5-0 на гостински терен, а главна ѕвезда на теренот беше францускиот голгетер Килијан Мбапе со три голови, додека Аталанта со пресврт славеше против Клуб Бриж (2-1).

„Кралевите“ за помалку од половина час го постигнаа првиот гол против домаќинот, откако Мбапе од пенал беше прецизен за 1-0, додека на стартот на вториот дел Французинот повторно се запиша во листата на стрелци по асистенцијата на голманот Тибо Куртоа.

Мбапе постигна и трет гол во 74. минута од натпреварот, додека Едуардо Камавинга и Брахим Диаз стрелаа во завршницата од дуелот за конечни 5-0.

Клуб Бриж беше на чекор до сензација во Бергамо, откако поведе со голот на Цолис во 38. минута од средбата, меѓутоа Аталанта се разбуди во финишот од натпреварот.

Самарџиќ од пенал во 74. минута најпрво израмни на 1-1, а потоа Пашалиќ на три минути пред истекот на регуларните 90 стрелаше за конечни 2-1.

Фото: Real Madrid C.F.