Вечер на голови во ЛШ: Ливерпул падна во Истанбул, Тотнем се извлече, „петарди“ на Атлетико и Баерн (ВИДЕО)

Вечерва стрелците во Лигата на шампионите беа располжени, па гледавме ефикасни натпревари, а најубедливи беа Атлетико Мадрид и Баерн Минхен кои ги оправдаа улогите на фаворите, Англичаните немаа своја вечер, Ливерпул беше поразен во Истанбул, Тотнем едвај се извлече во Норвешка, славеше само Челси и тоа минимално.

Галатасарај во натпреварот против Ливерпул влезе по дебаклот во првото коло од Ајнтрахт Франкфурт од 5-1, а сега успеаа да го срушат англискиот шампион. Натпреварот беше одлучен со гол уште во 16. минута кога Осимен реализираше пенал. Во продолжение Англичаните беа подобар противник, меѓутоа изостана реализацијата.

Тотнем беше исто така блиску до пораз, но на крајот сепак успеа да извлече барем бод и одигра 2-2. Уште во првото полувреме домаќините имаа голема можност, но Хог не реализираше најстрога казна. Сепак, Бодо дојде до водство на стартот од вториот дел преку Хауге.

Истиот фудбалер во 66. минута зголеми и на 2-0. Во меѓувреме Бентакур ја погоди мрежата на домашниот состав, но неговиот гол беше поништен поради прекршок. Тотнем до реми дојде со погодоците на Ван Де Вен во 68-та минута и автоголот на Гундерсен на една минута пред истекот на 90-те минути.

Од трите англиски екипи кои играа вечерва, се израдува саамо Челси кој на свој терен беше подобар од Бенфика со 1-0. Како доволен за победа на „сините“ се покажа автоголот на Риос во 18-тата минута.

Останатите фаворити вечерва беа сигурни, Атлетико Мадрид со 5-1 славеше над Ајнтрахт, Баерн со истиот резултат се враќа од гостувањето на Кипар кај Пафос, Интер дома ја доби Славија Прага со 3-0, а убедлив беше Марсеј против Ајакс со триумф од 4-0.

На крајот кога се ќе се собере на седум натпревари во терминот од 21:00 часот видовме 24 погодоци.

Фото: EPA