Фудбалер на Ц. Звезда избркан од тимот - мртов пијан дивеел во хотелот!

Фудбалерот на Црвена звезда, Кајмер Сандовал (20), е отстранет од составот на младата репрезентација на Колумбија (У20) поради прекршување на дисциплината и консумирање алкохол.

Иако требаше да биде дел од националниот тим на Светското првенство за млади, каде Колумбија во следните седум дена ќе одигра три натпревари (против Саудиска Арабија, Норвешка и Нигерија), Сандовал неочекувано остана без место во селекцијата на селекторот Сезар Торес. Причина за тоа е инцидент во хотелот на репрезентацијата, кога дефанзивецот и неговиот соиграч Џон Мантана (18) биле затекнати во алкохолизирана состојба. Двајцата направиле врева и не можеле да ја пронајдат својата соба, што привлекло внимание и на персоналот и на тренерите.

„Сите сме луѓе пред сè, па дури потоа спортисти. Кајмер има голем потенцијал, но мора да научи што значи дисциплина. Одлучивме да не биде дел од тимот, бидејќи не ги почитува правилата по кои функционираме“, изјави Торес.

Сандовал нема сигурно место ниту во Црвена звезда. Позајмениот играч од Бетис оваа сезона доби само осум минути на терен, а со оглед на големата конкуренција во одбраната тешко е да се очекува дека ќе добие значајна улога во продолжението на сезоната.

ФОТО: X / @zwhcqz