Кожуф негира дека имало напад: Фудбалерот на Скопје симулираше

Мечот меѓу Кожуф и Скопје го одбележа шестото коло во Втората мамедонска фудбалска лига, не поради квалитетна игра на двете екипи, туку поради инцидент што се случи во второто полувреме.

Скопскиот тим прв постигна гол на овој натпревар, но веднаш по водството, еден од играчите на Скопје остана да лежи на теренот. Информациите беа дека тој бил удрен од навивачите, но Кожуф преку соопштение ги демантираше шпекулациите и дури го обвини гостинскиот фудбалер за симулирање.

„Почитувана јавност, по повод вестите објавени на интернет, во врска со изолиран настан кој се случи покрај теренот, го изјавуваме следното: 

Факт е дека навивачите реагираа бурно во еден момент од натпреварот по револт на судска одлука, но тврдиме дека немаше никаков напад или удар врз играч на Скопје. На снимката јасно се гледа дека станува збор за симулација, односно играчот со број 10 на ФК Скопје е потегнат од соиграч за истиот да падне. По прекинот на натпреварот, истиот продолжи нормално со жар и заврши во фер и спортска атмосфера. На крајот играчите и сите присутни актери си подадоа рака, како што и доликува“, стои во соопштението на Кожуф.

Натпреварот во Гевгелија беше во прекин 15-тина минути, по што продолжи, а Кожуф подоцна и израмни на 1-1.