Македонија ќе има голема поддршка во Гент – сите „наши“ билети се распродадени!

Македонската фудбалска репрезентација ќе има силна поддршка на гостувањето против Белгија (10 октомври) во квалификациите за Светското првенство 2026, откако сите билети наменети за македонските навивачи се - распродадени.

Во изминатите три недели преку официјалната онлајн-платформа на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) беа пуштени во продажба речиси 1.000 билети, кои многу брзо беа резервирани од љубителите на фудбалот. Од Куќата на фудбалот изразија благодарност до навивачите за огромниот интерес и поддршката што ја даваат на националниот тим, кој на мечот во Гент ќе има масовна поддршка од трибините.

Македонија во моментов е лидер на табелата во групата со 11 бодови од пет меча, еден повеќе од Белгија, која има одиграно натпревар помалку, а и Велс има 10 бодови, но исто како и ние од пет натпревари.