
Парите се (пре)слатки: Лигата на шампиони наскоро и на Нетфликс?
Според пишувањата на „Блумберг“, европската куќа на фудбалот разгледува измени кои ќе овозможат покрај класичните телевизиски куќи, и глобалните стриминг сервиси – меѓу нив и Нетфликс и Амазон – да се борат за истите пакети права на истите територии.
Доколку дојде до оваа реформа, постои можност еден единствен емитер да добие ексклузивни права за прикажување на натпреварите ширум светот. Со тоа, фудбалот би станал достапен на истите платформи каде што милиони корисници гледаат филмови и серии, што се смета за историска пресвртница.
Во моментов, УЕФА од продажба на ТВ права заработува милијарди евра по сезона, а околу 100 емитери глобално купуваат различни пакети. Дополнително, се разгледува и продолжување на важноста на договорите. Наместо досегашните три години, можно е траењето на договорите да биде значително подолго – како што веќе беше случај во САД, каде што правата беа продадени на „Парамаунт“ за период од осум години (2022–2030), во вредност од 1,5 милијарди долари.
Очекувањата се дека новите тендери за циклусот кој почнува во 2027 година ќе бидат распишани во наредните недели.