
Работнички се надева на бодови против Шкендија, тетовскиот тим го сака целиот плен од Скопје
По тренерската смена Работнички заигра во подобра форма, иако загуби против Вардар покажа мускули, па се надева дека така ќе биде и денеска против Шкендија.
„Ако одиграме тимски и компактно како првото полувреме против Вардар, можеме да се надеваме на успех. Сите сме свесни дека заслуживме многу повеќе од пораз на претходниот меч, меѓутоа пеналот и црвениот картон на Бесир Демири ни пресудија. Но, тоа е веќе зад нас, затоа што нѐ очекува нов голем предизвик, дуелот против Шкендија. Тие се квалитетен тим, со одлични индивидуалци, но покажаа и дека се ранливи во досегашниот тек од шампионатот. Ќе мора да бидеме речиси совршени, но веруваме дека можеме да стигнеме до успех“, изјави играчот од средниот ред на Работнички, Ермедин Адем.
Шкендија има згуснат распоред, се натпреварува на три фронта, но фудбалерот Анес Малиќи вели дека за нив е најважно домашното првенство.
„Атмосферата во тимот е добра. Сега ни следува згуснат распоред, и секој натпревар е важен. Одиме на позитивен резултат, а позитивен резултат за Шкендија е победа. Работнички имаше криза на почетокот на првенството, а сега е во нешто подобра форма. Секој клуб кој игра против Шкендија е мотивиран и мораме да дадеме максимум. Ние мораме секој меч да го сфатиме сериозно. Шкендија игра на три фронта, но најважниот фронт е првенството, затоа што на крајот успех во домашниот шампионат потоа носи и европски натпревари. Целиот фокус е кон домашното првенство. Конкуренцијата во екипата е голема. Шкендија има 25 играчи, и се случува сега да сте во тимот, утре резерва, задутре на трибините, но секој играч е важен за клубот и верувам дека секој кој ќе се најде на терен ќе го даде максимумот за на крајот да ја одбраниме титулата и повторно да бидеме шампиони“, вели фудбалерот на Шкендија, Анес Малиќи.