
Јунајтед го одигра најдоброто полувреме сезонава и пак едвај го победи Челси (ВИДЕО)
Во нормални услови, ова би бил голем успех бидејќи Челси е актуелен светски клупски шампион и беше непоразен во досегашниот дел од првенството. Сепак, ако се има предвид она што се случуваше во првото полувреме, впечаток е дека Јунајтед мораше да слаби поубедливо и да покаже дека, сепак, е способен за големи дела.
По само четири минути игра, Челси остана со фудбалер помалку бидејќи голманот Санчез заслужено беше исклучен, па Мареска во седмата минута веќе имаше искористено две, а во 21. три замени. Во меѓувреме, големиот притисок резултираше со гол на Бруно Фернандес на додавање на Доргу во петерецот на гостинскиот тим. Капак за Челси беше повредата на Палмер во 21. минута поради која и тој мораше да го напушти теренот, а во 37., Јунајтед веќе водеше со 2-0 по голот на Касемиро. Бразилецот, сепак, не го дочека крајот на првото полувреме затоа што во судиското продолжение го доби вториот жолт картон и мораше да замине во соблекувална, па силите на теренот беа израмнети.
Место да продолжи да притиска и да инсистира на поубедлива победа, Јунајтед се повлече во второто полувреме во кое Челси имаше дури 72% посед на топката. Бедемот пред голот беше сигурен, па лондонскиот тим не создаде многу шанси, но Чалобах во 80. минута, сепак, намали на 1-2 и внесе драматика во финишот, а во исто време ги препоти домашните навивачи, накиснати на силниот дожд. Последните 17 минути (вклучувајќи го судиското продолжение) се играа на половината на Јунајтед, но Челси не успеа да постигне гол за израмнување.