МЗТ Скопје и ТФТ ќе се борат за трофејот „Андреј Грковски“

Финалистите во плејофот од минатата сезона МЗТ Скопје и ТФТ ќе се сретнат и во финалето од Меморијалниот турнир „Андреј Грковски Тафта“ кој викендов се одржува во Кале.

Шампионот МЗТ Скопје потешко од очекувањата го совлада Тиквеш со 71-67 во првиот полуфинален меч. Отпорот на кавадарчани беше скршен во последните 50 секунди во кои се влезе со израмнет резултат (67-67). Прво Мекејден погоди две слободни фрлања, во следниот напад Дамјан Стојановски го изблокира Џексон за потоа со два „пенала“ да стави точка на мечот. Мекејден беше најефикасен со 20 поени, а Гил додаде 14 за МЗТ Скопје, додека Андерсон со 16 поени го предводеше тимот на Тиквеш.

Вториот меч не донесе толкава драматика и ТФТ без поголеми проблеми го победи Кожув со 82-76. Гевгелискиот тим подобри отвори, водеше со 12-5, но потоа организаторот на турнирот ја презеде иницијативата и речиси константно се наоѓаше во водство со тоа што на три минути пред крајот ги достигна највисоките +17 (79-62). Кожув се обиде во финишот да направи пресврт, но стигна само до -6.

Во мечот за третото место, утре од 17 часот ќе се сретнат Тиквеш и Кожув, а од 19:30 се игра големото финале.