Младите играчи на Партизан се обидоа, но Звезда е друго ниво (ВИДЕО)

Црвена Звезда ја продолжи доминацијата во дуелите со Партизан откако вечерва како гостин славеше во 177. вечно дерби, со 2-1.

Фаворитот ги исполни очекувањата и покрај тоа што младите фудбалери на „црно-белите“ дадоа се од себе да направат изненадување и да го одбранат својот дом. Разликата во квалитетот на двете екипи е очигледен и јасен, па немаше дилеми кој е поблиску до победата на овој меч.

Можеби се ќе беше поинаку ако Партизан во 23. минута ја искористеше двојната шанса, но голманот Матеус ги одбрани ударите, прво на Јурчевиќ, а потоа и на Демба Сек. Казната за тоа стигна четири минути подоцна кога Хандел изведе корнер, на првата статива реагираше Арнаутовиќ и ја префрли топката кон Иваниќ, овој не успеа да ја затресе мрежата на Партизан, но тука беше Елшник да ја однесе Звезда во водство.

Радоњиќ во 60. минута ја удвои предноста на својот тим по што се чинеше дека се е готово на овој меч. Сепак, Милошевиќ во 74. минута намали на 1-2 и ја врати неизвесноста, но Партизан до крајот не успеа да дојде барем до бод. Звезда по седум одиграни натпревари има максимален ефект и гол разлика 30-5, додека Партизан е на второто место со 19 бода од осум меча.