Прв кикс на Јуве сезонава - Верона ги скроти „бјанконерите“ (ВИДЕО)

По воведните три кола во кои освои максимални девет бода, екипата на Јувентус денеска го направи првиот кикс.

На гостувањето кај Верона, торинскиот тим одигра само нерешено (1-1) и покрај тоа што имаше водство, а и повеќе од играта бидејќи топката ја држеше во 72% од времето. Верона од почетокот на сезоната има само една победа и еден меч на кој ја сочува својата мрежа, но сепак се покажа како незгоден противник за Јувентус.

Двата гола на мечот беа постигнати во првото полувреме. Консеисао го отвори резултат во 19. минута на додавање на Турам, а израмни Орбан во финишот од полувремето од пенал. Ударот од 11 метри го предизвика Жоао Марио кој играше со рака во својот шеснаесетник.

Во второто полувреме Сердар постигна гол за Верона, но тој беше поништен поради офсајд. Јувентус сега има вкупно 10 бода, но може да заостане зад Наполи ако шампионот в понеделник на домашен терен ја победи Пиза.