Челси го плати 100 милиони евра, а тој сака да учествува на ЛОИ 2028 како – атлетичар!

Поранешната голема надеж на украинскиот фудбал, Михајло Мудрик, за кого Челси пред две година плати речиси 100 милиони евра, ја напушта фудбалската кариера и се пренасочува кон атлетиката.

По допинг-суспензија која трае до 2029 година, тој реши копачките да ги замени со спринтерки, со цел да настапи на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Во своите први настапи за Челси, Мудрик забележа максимална брзина од 36,67 км/ч, што тогаш беше рекорд во Премиер лигата. Таа експлозивност сега сака да ја претвори во резултати на атлетската патека и да се бори за олимписки медали.

Фудбалската кариера на Мудрик започна со блесок во дресот на Шахтјор Доњецк, по што Челси во жестока трка со Арсенал го доведе за сума блиску до 100 милиони евра. Но, неговата авантура во Англија заврши неславно – со 73 одиграни натпревари, 10 голови и 11 асистенции, пред Фудбалската асоцијација на Англија во април годинава да објави дека паднал на допинг-тест.

Украинецот деновиве тренира со националната атлетска репрезентација под менторство на поранешни олимпијци. За да стигне до Лос Анџелес, ќе мора да ги исполни строгите норми на Светската атлетска федерација и да ги мине украинските квалификации во 2027 година.

ФОТО: EPA PHOTO