Барселона на крилјата на Рашфорд го освои „Сент Џејмс Парк“ (ВИДЕО)

Актуелниот шпански шампион Барселона освои големи три бодови на гостувањето кај Њукасл (2-1) на „Сент Џејмс Парк“, додека Ајнтрахт Франкфурт прв прими гол од Галатасарај, па му даде пет за триумф од вкупни 5-1.

Барселона беше подобар противник во првото полувреме против Њукасл, односно го диктираше темпото на игра и создаде повеќе шанси, меѓутоа мрежите мируваа на двете страни од теренот.

Првиот гол беше дело на Маркус Рашфорд во 58. минута од средбата, кога ја затресе мрежата на Њукасл, а набрзо падна и вториот погодок кој повторно го постигна Англичанецот.

Антони Гордон на истекот на регуларните 90 минути стрелаше за 1-2 и внесе драма во завршницата на „Сент Џејмс парк“, меѓутоа премиерлигашот не успеа да најде начин како да постигне и втор гол, па мораше да го прифати поразот.

Ајнтрахт Франкфурт денеска беше без милост против Галатасарај, па испука „петарда“ против турскиот ривал.

Акгун погоди за предност на Галатасарај, но тоа само го налути тимот од Франкфурт, кој преку Санчез, Узун и Буркарт стрелаше за целосен пресврт и водство од 3-1 на паузата.

Буркарт и Кнауф во вториот дел погодија уште по еднаш за Франкфурт и со тоа му обезбедија убедлива победа на бундеслигашот од 5-1.

Спортинг Лисабон вечерва исто така запиша триумф на домашен терен, откако го совлада Каират Алмати со 4-1.

Standings provided by Sofascore

Фото: Facebook/FC Barcelona