„Со караван ќе ги поттикнеме децата да тренираат ракомет - спортот број 1 кај нас!“

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефановски со своите најблиски соработници денеска официјално го промовира и најави ракометниот караван.

Новиот проект на РФМ треба да помогне за уште поголема промоција на ракометот во земјава во што треба да помогнат и некои од македонските ракометни легенди. Првите активности ќе започнат во Охрид, за време на ЕХФ неделата, каде ќе биде стациониран и женскиот сениорски национален тим. Таму ќе се одржат првите настани, а веќе од февруари или март се планира почеток на натпревари во мини-ракомет за најмладите. Според планот на РФМ, секој месец ќе се посетуваат два до три града, каде ќе се организираат интерактивни активности со присуство на познати ракометни имиња. Целта е децата да научат за правилата на играта, да се дружат со своите идоли и да се мотивираат да станат дел од ракометното семејство.

„Сакам да го најавам и означам почетокот на ракометниот карван кој ќе сартува во Охрид на 20 септември, во салата 'Билјанини извори', на кој ќе учествуваат Филип Миркуловски, Индира Кастратовиќ, Елена Георгиевска итн. и ќе присуствуваат дечиња од школска возраст од Охрид, Струга, Ресен и околните места, а кои ќе се запознаат со ракометот како спорт и со нашите легенди. Се надевам дека тоа ќе придонесе за масовност во машкиот и женскиот дел. Почнуваме во Охрид, но продолжуваме на 18 и 19 октомври во Битола и Прилеп со околните градови. Во иднина ќе почнеме со мини-ракомет, подготовките за тоа се во тек“, рече Стефановски.

Проектот го поздрави и директорот на репрезентациите Филип Миркуловски кој целосно ќе се вклучи во него.

„Караванот е одлична идеја и мислам дека првпат се прави вакво нешто. Ракометот е спорт број 1 во земјава, но се уште повеќе деца тренираат фудбал и кошарка и токму тоа е целта, од најмала возраст да ги поттикнеме да тренираат ракомет. Ќе се обидеме да ги опфатиме сите градови во Македонија и на тој начин што побрзо да ги надградиме сите селекции“, додаде Миркуловски.

Генералниот секретар Влатко Тасевски најави дека Охрид и Битола ќе бидат само почетни станици на ракометниот карван. Целта е да се посетат прво сите поголеми центри, а потоа и останатите места, со една цел - што поголема регрутација на млади таленти во ракометот.