
Почнува новата Лига на шампиони - премиерлигашите се најголеми фаворити
Лани, место осум групи со по четири тима, воведена е лигашка фаза во која секој тим игра со осум различни ривали од кои со четири на домашен и четири на гостински терен. Ланското издание се покажа полн погодок бидејќи љубителите на фудбалот имаа можност да уживаат во возбудливи пресметки, полни со голови, а екипите немаа право на кикс затоа што секој гол е важен и може да има влијание врз конечниот исход. Прците осум екипи на крајот од лигашкиот дел одат директно во осминафиналето, а од 9. до 24. учествуваат во бараж.
Титулата оваа сезона ја брани ПСЖ кој го задржа ростерот од минатата кампања со тоа што направи измена на голманската позиција и се ослободи од Џанлуиџи Донарума. Сепак, проценките и прогнозите велат дека фаворити за трофејот се англиските екипи, Ливерпул, Арсенал и Манчестер Сити кои повторно многу трошеа во текот на летото. Ќе биде интересно и да се види дали Светското клупско првенство, одржано во јуни и јули ќе има влијание на формата на екипите и фудбалерите бидејќи во таков случај, Ливерпул и Барселона, кои не учествуваа на него, ќе бидат во голема предност. Денешната програма нуди шест меча од кои најинтересно се очекува да биде во Торино каде Јувентус ќе ја пречека Борусија Дортмунд.
Во нова сезона, Македонија ќе има еден претставник во Лигата на шампионите и тоа Елиф Елмас кој е член на Наполи. Финалето од Лигата на шампионите се игра на 30 мај 2026 година на Пушкаш арената во Будимпешта.