Големата балканска фудбалска „војна“ наместо во Белград ќе се игра во – Лесковац!

Квалификацискиот натпревар за пласман на СП 2026 меѓу Србија и Албанија, закажан за октомври, нема да се игра во Белград, туку во Лесковац, одлука донесена од Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) со согласност на албанската федерација, а ја потврди и УЕФА.

Причина за тоа е високото ниво на ризик од можни инциденти.

„Безбедноста на играчите, навивачите и сите учесници е приоритет. Станува збор за натпревар со највисок степен на ризик, што бара целосна контрола“, наведува ФСС.

Натпреварот ќе се одигра на стадионот „Дубочица“ во Лесковац, со капацитет од околу 8.000 места – далеку помалку од новиот белградски стадион во изградба, кој ќе прими околу 60.000 гледачи. Одлуката доаѓа во контекст на минатите тензии. Пред повеќе од една деценија, во Белград беше прекинат дуелот меѓу овие две селекции во квалификациите за ЕП, поради дрон со знаме на т.н. „Голема Албанија“ и физички судири на теренот. Натпреварот беше регистриран со службен резултат 3-0 за Албанија.

ФСС потсети дека Србија е под посебна опсервација од дисциплинските органи на ФИФА и УЕФА поради низа инциденти на трибините и предупреди дека секој нов ексцес може да донесе строги санкции, па дури и суспензија. Последната искра на тензии се случи на мечот Србија – Англија (0-5) во Белград, каде дел од публиката скандираше политички пароли и дојде до физички пресметки меѓу навивачи. Инцидентите беа тема и на изјави на претседателот Александар Вучиќ, кој оцени дека атмосферата во Белград не обезбедува вистинска поддршка за репрезентацијата.

„Во Лесковац ќе има најдобра можна атмосфера. Таму луѓето ќе навиваат со сè срце за Србија“, изјави Вучиќ.

ФСС во соопштението додаде дека изборот на Лесковац не е само поради безбедноста, туку и поради досегашната безрезервна поддршка која локалната публика му ја дава на националниот тим.