Шпански „АС“: Лука Дончиќ – суперхеројот кој го сруши Дражен и го надмина Џордан!

Словенечката кошаркарска ѕвезда, Лука Дончиќ, со блескави партии ја одведе својата репрезентација до четвртфиналето на ЕП 2025, каде што беше запрен од новиот европски шампион Германија.

Иако остана без медал, неговите настапи предизвикаа воодушевување, а шпанскиот „АС“ го опиша како „суперхерој“. Дончиќ на турнирот имаше просек од 34,7 поени, 8,6 скокови, 7,1 асистенција и 2,7 украдени топки по натпревар. Најдобриот меч го одигра во осминафиналето против Италија со 42 поени, додека во четвртфиналниот пораз од Германија постигна 39 поени со 11 скокови и 7 асистенции. Вкупно, реализираше речиси 37-отсто од сите поени на Словенија – статистика која му беше недостижна дури и на најголемиот Мајкл Џордан.

И покрај критиките по трансферот од Далас во ЛА Лејкерс, Дончиќ го искористи летото за да ја подобри физичката подготвеност. Со нов режим на исхрана и интензивни тренинзи, изгуби повеќе од 10 килограми, што се одрази врз неговата игра. Разликата меѓу тимот кој во 2017 година го освои златото и сегашната репрезентација е огромна – тогаш покрај Дончиќ играа и искусни имиња како Драгиќ и Рендолф, додека денеска словенечкиот тим зависи речиси исклучиво од него.

На Евробаскетот, Дончиќ ги надмина статистиките на легенди како Дражен Петровиќ и се приближи до имиња како Никос Галис и Радивој Кораќ. Со само 26 години веќе е меѓу најголемите во историјата на ова натпреварување, покрај статусот што одамна го има во НБА.