
Работнички на тешко гостување во Кратовo, Брера и Шкупи ја бараат првата победа!
Работнички ќе има тешка задача да го поправи тенкото бодовно салдо бидејќи му гостува на Силекс кој по четири одиграни меча е перфектен, има исто толку победи и е единствениот тим без примен гол.
„На секој натпревар излегуваме на терен да дадеме се од себе и да победиме. Тоа е секогаш целта на Силекс, без разлика кој ни е противник. Искрено, не би можел да кажам што би сменил новиот тренер кај Работнички. Посакувам само ние да сме во вистинското светло, па се надевам дека тоа ќе биде доволно за триумф. Посакувам еден убав меч во кој ќе победи подобриот противник. Задоволни сме од тоа како ја започнавме сезоната. Имаме одлични четири победи од исто толку натпревари, и сето тоа е мотив за нас да ја задржиме оваа победничката серија што е можно подолго“, вели Мартин Мирчевски, напаѓачот на кратовци.
Работнички има нов тренер и неколку засилувања во финишот од преодниот рок, па се надеваат дека со тоа ќе дојдат и подобри резултати.
„Силекс е квалитетен тим, и секако не е лесно да се игра во Кратово. Но, ние работевме добро во овој изминат период, имаме нов тренер и неколку нови фудбалери и ќе се обидеме да стигнеме до позитивен резултат“, порачува офанзивецот на Работнички, Кристоџеј Далеј.
Во истиот термин, денеска од 15:30 часот, во Струмица играат Брера и Шкупи.
Двата клуба досега немаат победа, па во денешниот меѓусебен дуел некој може да ја промени таквата лоша статистика.
ПМФЛ 5. коло:
Петок
Шкендија – Башкими 2-1
Вардар – Македонија ЃП 1-0
Сабота
Брера – Шкупи 15:30
Силекс – Работнички 15:30
Недела
Струга – Тиквеш 15:30
Пелистер – Арсими 19:00