
Лазаров: Да го оставиме срцето на терен со Хановер – па што биде!
Македонскиот тим има тежок предизвик пред себе, бидејќи првиот натпревар во Германија заврши со убедлив пораз од десет гола разлика (27-37). Тренерот Кирил Лазаров е свесен за големата пречка, но најави борбен настап и достоен настап пред домашната публика.
„Хановер повеќе од осум месеци беше лидер во најсилната лига на светот и засилен е со искусни играчи. Жал ми е што загубивме со толкава разлика, која не ја заслуживме. Сепак, од играчите барам комплетен натпревар и максимална посветеност. Сакам сите да го оставиме срцето на терен – за нас, за проектот и за навивачите,“ изјави Лазаров.
Тој додаде дека поразот во Германија му донел разочарување и непреспиени ноќи, но дека спортот носи и такви моменти.
„Ова е големо искуство за нас. Колку и да се надевавме, сепак играме против супер-квалитетен противник со кого мораме да бидеме перфектни“, дополни стратегот на Алкалоид.
Покрај реваншот, саботниот натпревар ќе има и посебна свеченост – Алкалоид официјално ќе го добие пехарот од Европскиот Куп на ЕХФ, освоен минатата сезона со триумф над АЕК Атина во финалето.