
Пола новинари од МТВ спортска одат во новата Арена Македонија!
Прв нога повлекува Тони Стојановски, кој денеска го имаше последниот пренос за националниот сервис, коментирајќи го мечот Македонија ЃП - Пелистер.
Стојановски, кој ќе биде главен менаџер на новиот проект, предмалку на својот Фејсбук профил во емотивен пост објави дека си заминува од МТВ по 13 години.
Денеска го одработев последниот пренос за МРТ. По повеќе од 13 години во телевизијата, а вкупно речиси 20 во јавниот сервис сметајќи го и времето во Македонското радио, дојде време за разделба.
Заминувам со многу спомени и со мноштво професионални задоволства. За знаењето ќе ценат други.
Ваквите одлуки не се лесни, но со оглед на околностите, по 28 години со новинарско-коментаторска кариера, ова е најдобро!
Новата страница е се уште празна, мое (наше) е да ја испишеме брзо и на убав начин.
Да сме живи и здрави!
Да живее Македонија!, напиша Стојановски.
Според најавите, со него заминуваат и поголем дел од новинарите од Спортската рубрика на МТВ, а сите тие треба да бидат дел од новиот долгоочекуван проект.
Стартот на македонската Арена е најавен за месец октомври, не се знае точно колку канали ќе зрачат на македонски јазик, но сигурно е дека најголемите спортски настани во иднина ќе ги гледаме со коментар на македонски јазик.
Дознаваме дека во проектот ќе бидат вклучени многу луѓе, ќе има разговори во живо, емисии со стручни лица, интервјуа, преноси од лице место, а ќе биде покриен речиси целиот елитен спорт, најсилните светски фудбалски првенства, НБА кошарка, Формула1...