
УЕФА потврдила: Стадионот во Битола е подготвен да ја пречека Италија!
На стадионот се поставени нови столчиња на јужната трибина, целосно е обновена и обложена тартан патеката (просторот меѓу теренот и трибините), службените простории и медија делот се целосно опремени со мебел и потребен инвентар, набавени се нови клупи за резервни фудбалери, уреден е ВИП просторот, а стадионот доби и донација од ФФМ на современ ЛЕД семафор.
Целата инвестиција била вредна околу 150.000 евра и се одвивала во период од 40-тина дена, а поставен е и нов тревник. Токму поради работата на стадионот Пелистер во минатото коло беше домаќин на Шкупи во Кавадарци.
„Успехот во Битола е пример за сите. Благодарение на посветената работа со градоначалникот Коњановски и неговиот тим во општината, за кратко време го доведовме стадионот ‘Петар Милошевски’ до нови стандарди, што УЕФА и самата го потврди. Ова претставува најдобар доказ дека кога заеднички се работи, резултатите се гледаат.
Следна наша фаза е да го поддржиме процесот на реконструкцијата на градскиот стадион во Тетово, со што продолжуваме да ја исполнуваме нашата стратегија за подобрување на фудбалската инфраструктура низ целата држава“, изјави првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.