Завршија квалификациите, познати се шеширите пред ждрепката за главната фаза од ЛШ (ФОТО)

По синоќешните последни квалификациски натпревари, познати се сите 36 учесници во новото издание од Лигата на шампионите.

Последни пласман во елитното натпреварување изборија Карабах, Бенфика, Бриж и Копенхаген од кои две екипи добија место во вториот, а две во четвртиот шешир. Претстојната сезона ќе биде втора што ќе се игра во новиот формат, со 36 екипи, без групи, во лигашки систем при што секој тим ќе одигра најмалку осум натпревари. Пред ждрепката, екипите се распоредени во четири шешири по девет члена, а секој тим ќе добие по два ривала од секој шешир.

Ждрепката е закажана за вечерва од 18 часот во Монте Карло на свеченост на која ќе бидат прогласени и најдобрите играчи во Лигата на шампионите за минатата сезона. Првото коло од новата натпреварувачка кампања е на програмата на 16 и 17 септември, додека финалето е закажано за 30 мај во Будимпешта.