
„Нема клуб што не должи плати, но не бегаме - дојдовме да испишеме историја!“
Турскиот бизнисмен демантира дека клубот би можел да му биде одземен од страна на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев поради неисплатени плати, но избегна да одговори дали навистина се должи на фудбалерите и колкав е тој износ.
„Секој клуб на почетокот минува низ тешки моменти, но тука сме да се избориме со проблемите, а не да се откажеме. Минатата сезона во Македонија имаше многу клубови кои со месеци не исплаќаа плати, а тоа е проблем насекаде во светот. Ние сме на почеток на еден долгорочен проект – и нема да дозволиме да ни ставаат камења на патот. Моја цел е да се пишува како игра Тиквеш, дали нашите трансфери се добри или дали на теренот даваме сè за нашите навивачи. За финансиите се грижам јас лично – а не некој од страна. Не бегаме, сакам да им прикажеме добар фудбал на луѓето и истовремено од корен да ја зајакнеме нашата академија. Не сме дојдени за еден месец – тука да пишуваме историја на долг рок“, ни изјави сопственикот на Тиквеш.
Кавадарчани по првите три кола имаат само еден бод, односно само ремизираа дома со Работнички, а загубија против Вардар и Башкими.