ФФМ му даде црвен картон на стадионот Чаир - од Шкупи не ни дошле на инспекцијата!

Распадот во повеќекратниот шампион Шкупи очигледно доаѓа до кулминација, откако денеска ниту еден претставник на клубот не се ни појавил за време на инспекцијата што Комисијата за натпреварување на ФФМ ја правела на стадионот во Чаир со цел овој тим да се врати во својот дом.

Незаинтересираноста не била најстрашниот момент, туку тоа е фактот што овој спортски објект се уште има (пре)многу пропусти за да може да биде домаќин на прволигашки натпревар.

„Согласно извршената инспекција и извештајот за инфраструктура, утврдено е дека стадионот во Чаир не ги исполнува минималните услови за организација на натпревари од Прва МФЛ, поради:

– недоволно исполнети безбедносни услови за одигрување натпревари од Прва МФЛ согласно извештајот за инфраструктура;

– несоодветна заштитна ограда на јужната трибина, во која има дупки и други небезбедни елементи што претставуваат ризик за учесниците на натпреварот (фудбалерите, официјалните лица и сите присутни);

– неисполнети критериуми за примена на ВАР системот, односно нема соодветно струјно поврзување за ТВ репортажното возило;

– незавршена една од трите потребни платформи за ТВ камери, како и неисполнети услови и соодветен простор за ТВ коментатори;

– искршени клупи за резервни фудбалери кои не обезбедуваат минимални услови за фудбалерите и претставниците на клубовите“, се вели во соопштението од ФФМ.

Ова значи дека дерби-пресметката ќе мора да се игра на друг стадион, ако чаирчани воопшто се потрудат да најдат таков, со оглед што претходниот домашен меч го загубија со службен резултат поради немање каде да играат. Проблемот е што со уште еден ваков кикс, Шкупи би се преселил во понизок ранг поради два службени поради во една сезона, што би било огромен удар за навивачите на овој скопски прволигаш.