Хаос на американското првенство: Се степаа играчите на Аргентина и Доминикана (ВИДЕО)

Неверојатни сцени го одбележаа дуелот од второто коло на Американскиот куп што се одржува во Никарагва.

Ноќеска се сретнаа селекциите на Аргентина и Доминиканска Република, а непосредно по завршувањето на мечот дојде до масовна тепачка. Играчите на двете селекции очигледно имаа некои несрачистени сметки и по последниот звук на сирената, влегоа во клинч.

Особено нервозни беа репрезентативците на Доминиканска Република, Дејвид Џонс Гарсија и Хуан Гереро кои удираа кого стигнат и многу веројатно ќе добијат суспензија за своето однесување.

Сепак, удел во зовриената атмосфера имаше и селекторот на Аргентина, Пабло Приџони кој неколку пати на своите тајм аути ги навредуваше противничките кошаркари, ословувајќи ги со погрдни имиња и со епитети кои не му доликуваат на неговото реноме.

Инаку, Доминиканска Република славеше со 84-83, приредувајќи големо изненадување во второто коло од групната фаза.