Шкендија не бара одложување на домашни мечеви поради Европа: Тоа би било непочитување на нашето првенство!

Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири вели дека тие нема да побараат одложување на натпревари од домашното првенство со цел да бидат поподготвени за европската претстава.

Шкендија до крајот на оваа календарска година ќе игра во Европа, нејасно е само дали тоа ќе биде Лига Европа или Конференциската лига.

Во некои земји клубовите бараат поместување на нивните натпревари со цел да бидат поподготвени за настапот во Европа, но Шкендија тоа нема да го бара.

„Не сакам да се одложи натпревар од домашното првенство поради настап во Европа. Така би покажале непочитување кон играчите што ги имаме и домашниот шампионат кој ни е многу важен“, вели тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.

„Ние сме платени за да играме и треба да играме секогаш кога ќе биде побарано од нас. Ако одложиме натпревари, тие мечеви ќе треба подоцна да ги сместиме некаде, во Европа играме до декември, па имаме мечеви и од Купот на Македонија, каде би ги сместиле тие натпревар? Треба да ги почитуваме сите натпреварувања и да играме во сите нив според распоредот“.

Шкендија синоќа со 2-1 го победи Лудогорец во првиот плејоф меч за пласман во главната фаза од Лига Европа, реваншот е за седум дена.